Кристијан Стојановски е седумнаесетгодишник од населбата Пинтија. Со пливање се занимава од својата петта година и досега има значајни меѓународни успеси.
Денес, овој перспективен пливач кој е регистриран член во македонската Национална Пливачка Федерација и репрезентатитвец на Македонија во далечинско пливање, беше гостин на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со кој ги сподели своите достигнувања.
Заеднички продискутираа што за еден млад човек значи спортската кариера, како изгледа едно негово секојдневие и кои се неговите потреби, односно во кој сегмент најмногу би му значела поддршка од локалната самоуправа. Стојановски, со своите 17 години досега ги претставувал боите на Македонија на Европското јуниорско првенство во Париз, каде бил во дваесетте најдобри. Од државното првенство во Србија во јули, се вратил со освоено второ место на 7.5 км, со прво место на 5 км во Бачка Топола, како и со поставен рекорд на стаза во Костовац, Србија на 3.3 км. Летово пливал и на Светскиот Куп во Охрид на 10 км, од државното првенство во Косово се вратил со второ место, а посебно истакна дека е горд за учеството на Европскиот Куп одржан на 14 август во Охрид, каде имал можност да плива заедно со олимпијците.
Како интересен податок, кој нималку не е за пофалба, е тоа што овој пливач кој од 2017-тата се натпреварува меѓународно, досега од локалната самоуправа нема добиено никаква награда, ниту некаква финасиска поткрепа, со која би му се овозможиле подобри услови за тренинг и финасиско олеснување кога се во прашање уплаќањата на котизација за учество на натпреварите.
Градоначалникот Ѓорѓиевски потенцираше дека грижата за младите спортски таленти е во неговата приоритетна листа и дека од сега младиот Кристијан, може да смета на финасиска поддршка од Општина Кисела Вода, која треба да му го олесни патот кон спортските успеси. Средбата заврши во позитивна атмосфера, а Кристијан даде ветување дека ќе даде се од себе да донесе за себе, за својата Кисела Вода и за својата Македонија што повеќе медали. Нешто што ќе има можност наскоро да го докаже, бидејќи во наредниот период му претстојат повеќе интернационални пливачки натпреварувања во Турција, Италија, Шпанија, Србија, како и на Сејшелите.