(Видео) Меден месец со пушки: украински младенци облекоа камуфлажни одела по венчавката

Само неколку часа по нивната венчавка на првиот ден од руската инвазија, Украинците Јарина Ариева и Свјатослав Фурсин се вклучија во борбата за одбрана на својата земја.

Двојката требаше да се венча во мај, но тие побрзаа да извршат церемонија во Киев минатата недела кога Русија започна инвазија, за сега да се приклучат на украинскиот отпор.

Во камуфлажни јакни со пушки, Јарина и Свјатослав раскажаа за Си-Ен-Ен како го поминале својот меден месец во градот под опсада и земале оружје за да се борат против руските трупи.

„Тешко е да се разбере оваа нова реалноста што ја имаме“ рече Јарина, која е од Киев.

Таа истакна дека во првите денови од пролетта луѓето обично сеат сончоглед, украинскиот национален цвет, но наместо тоа се спротивставуваат на рускиот напад.

„Никој овде не вели дека ќе изгубиме или ќе плачеме. Сите веруваат дека ќе победиме. Тоа е само прашање на време. Затоа, многу сум среќна што гледам толку многу луѓе кои се навистина подготвени да се борат. Подготвени да убијат за својата земја. Не се сомневам во нашата победа во оваа војна“, изјави Јарина.

Нејзиниот сопруг, кој е роден во Лавов, истакна дека „луѓето отсекогаш сакале да бидат слободни“.

„Овие луѓе се подготвени да се борат за својата слобода“ додаде Свјатослав, кој е загрижен за безбедноста на сопругата, родителите и сестрата, но укажува дека „ќе направи се за да ги заштити“.

Јарина рече дека работи секој ден и дека е тешко да се „чека нејзиниот сопруг да се врати од борбени задачи“.

„Животот овде е поинаков, но тоа е животот. Луѓето се смеат и шегуваат. Се’ се промени со почетокот на војната“, истакна таа.

Јарина и Свјатослав ја повикаа меѓународната заедница да и’ помогне на Украина со пари, храна, оружје и лекови и да воведе повеќе санкции кон Русија.

Свјатослав се надева на денот кога ќе можат да кажат дека војната е завршена и дека победиле.

Треба да знаете
Последни објави