Министерската за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерството за одбрана се сретна со амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте. На средбата стана збор за актуелната состојба во Украина, при што од страна на министерката Петровска беше искажана осуда за рускиот напад врз Украина и украинскиот народ и сочувство за жртвите во Украина. Петровска додаде дека Република Северна Македонија заедно со сите членки на НАТО Алијансата го поддржува украинскиот суверенитет и територијален интегритет.
Министерката Петровска упати благодарност за сета досегашна поддршка од Романија во однос на нашата евроатлантска определба, но и за помошта при справување со минатогодишните пожари кои ја зафатија нашата земја. Таа во оваа прилика упати покана до вооружените сили на Романија да учествуваат на вежбовни активности на АП Криволак.
Амбасадорката Аксинте ја потврди силната поддршка на Романија членството на Северна Македонија во НАТО но и во Европската Унија и изрази надеж дека почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ ќе се реализира без одлагање. Честитајќи ја двегодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО која ќе се заокружи овој месец, амбасадорката Аксинте потенцираше дека членството во НАТО е најсилната гаранција за безбедноста на сојузниците. Аксинте изрази силна осуда на агресијата врз Украина и се согласи со министерката Петровска дека единството на сојузниците во НАТО е од најголема важност во заштитата на безбедноста на земјите членки во регионот и пошироко. Северна Македонија и Романија имаат одлична билатерална соработка, и активно партиципираат во неколку регионални иницијативи како што се SEDM (South East Defence Minitersial), SEEBRIG – Бригадата на Југоисточна Европа, Б-9 иницијативата на началници на Генералштабови. Во текот на 2022 година се предвидени 26 заеднички активности.