Александар Петровиќ по пауза од 11 години се враќа на клупата на МЗТ Скопје. Тој дојде на местото на Дарко Радуловиќ кој се раздели од „металците“ по поразот во финалето на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.
– Се враќам на добро познато место, во најдобро организираниот македонски тим за каков што сега важи МЗТ Скопје, за разлика од времето кога јас работев во него. Целта е да се одбрани титулата и да се стори сѐ за да се дојде до место во АБА1-лигата. Нема да биде лесно, но ќе дадам сѐ од себе да го извадам максимумот од тимот што ми е на располагање. Да бев од почетокот сигурно поинаку ќе беше селектиран составот, особено во делот на подмладувањето со оглед што сега на располагање имам поголем број кошаркари длабоко навлезени во четвртата деценија. Ова не е барање алиби, туку факт, а јас сум подготвен врз себе да го земам сиот притисок кој е вообичаен во МЗТ и да ги олабавам играчите да играат онака како што знаат без да размислуваат на други работи. Време за големи промени немам, ќе гледам само да ја упростам играта и пред сѐ да ја зацврстиме одбраната. И секако, да додадеме позитивна енергија, која и тоа како ќе ни биде потребна – рече Петровиќ.
Петровиќ претходно го предводеше тимот на МЗТ Скопје во периодот помеѓу 2011 и 2007, а потоа и помеѓу 2009 и 2011 година. Потоа работеше во Куманово, Карпош Соколи, Пелистер и Академија ФМП.