Рајко Стругар е црногорски одбојкар кого налетот на руските трупи и бомбардирањето го затекнале во Полтава, штотуку продолжувајќи го претстојот во клубот Рашетиловка. Не верувал дека во 21-от век ќе се соочи со вакво воено лудило, но кога првите бомби експлодираа на низа локации во Украина, тргна и битката за живот. И на крај успеал да избега и да се врати во Будва. Приказната е како за на филм. Го украл клупскиот мини-бус за да се спаси.
„Сѐ во Полтава беше вообичаено, животот нормално се одвиваше, ние трениравме, игравме. Знаевме дека нешто се случува, се зборуваше така спорадично, Путин рекол ова, Путин рекол тоа, Зелински рекол вака… Ама никој не веруваше дека ќе се случи тоа што се случи. Десет дена пред да почне војната бев во Црна Гора да ја продолжам визата, се вратив и… Следеше хаос“, ја почнува приказната Стругар.
Кога одекнале првите бомби, засолништето им било во подрум. Оттогаш почнала голготата и битката како да се спаси жива глава.
„Тројца странци кои сме во клубот се сместивме во бункер, т.е. во подрум. Баравме помош од директорот на клубот да заминеме од Украина, разговаравме, ама добивме неодредени одговори – па како ќе одите, па каде ќе одите, па патиштата затворени. Спремни бевме да платиме колку треба само да нѐ донесат до некоја граница, ама ништо. Никакво разбирање. И пред зградата беше паркиран клупскиот мини-бус, сигурно четири-пет дена беше тука, никој не го користеше. После две вечери во подрум направив план за пат. На соиграчот од Белорусија, Кирил Крсневски само му реков: ‘јас сабајле тргам со мини-бусот, со тебе или без тебе и не гледам наназад’. Тој малку скептичен, ама кога се разбудив утредента веќе беше спремен за да тргнеме“, вели Стругар.
По два часа возење со дестинација да дојдат до молдавската граница, притоа не знаејќи што ги чека по пат, добиле порака дека ги пријавиле за кражба на мини-бусот.
„Луѓето од клубот кога виделе дека го нема мини-бусот пријавиле кражба, прво на социјалните мрежи со наши фотографии, молејќи да нѐ запрат, со образложение дека се загрижени за нашата безбедност. Нѐ пријавиле и во полиција. Знам дека сега тој потек може да се толкува вака или така, ама за нас тоа беше единствено решение, друго немаше, освен да чекаме некој, некого… А, време за чекање немаше, туку само време за акција. Клубот имаше уште возила, а ова никој не го користеше, ама одеднаш се крена фама…“, продолжува Стругар.
Како одминувале километрите, а влегувале во непознат реон, небезбеден и поради воздушните напади, така се соочувале со пречки.
„Јас имав подготвена рута за пат, ама… Наидовме на два срушени моста, барикади… Моравме да восиме преку околни селски патишта, слушавме авиони како надлетуваат, детонации. И цело време нѐ бараа од клубот, ама не им кревавме. Уште тој стрес ни фалеше. Минавме неколку контролни пунктови и некаде на 200 километри пред целта нѐ застана полиција. Штом главниот човек ни ги зема документите, знаев дека ќе имаме проблем. Се врати и ни рече да го напуштиме мини-бусот зашто е пријавен за украден. Беа љубезни, зашто знаеа во каква ситуација сме, ама немаа избор“, додава Црногорецот.
Останале без превоз, па за среќа постар брачен пар од Молдавија ги качил за да ги пренесе.
„Се качивме со нив, а во исто време како почнаа нападите врз Украина, така мојот татко од Црна Гора тргна за Украина. Бевме договорени да се најдеме во Молдавија, но кога му јавив дека немаме возило, тој влезе во Украина и тоа некои 50 километри од граница на украинска територија. Таму се сочекавме, па со него успеавме да дојдеме во Молдавија заедно со соиграчот. Можеби во последен час влеговме во безбедна зона, зашто слушам дека сега таму на граница е тотален хаос од бегалци“, заврши Стругар.