Александер Зверев доби максимална парична казна од АТП за дивеењето кое го имаше на турнирот во Акапулко, но според легендарниот Матс Виландер, тоа е преблаг однос кон германскиот тенисер.
Поранешниот светски рекет број еден е еден од најпознатите и највлијателни аналитичари во „белиот спорт“, а како таков, си даде за право да испрати важна порака за сликата која се остава после инцидент каков што предизвика Зверев.
Виландер предлага Саша да добие казна од три или шест месеци, бидејќи само така ќе може да се поправи однесувањето на младите тенисери кои понекогаш си дозволуваат премногу во вербалните дуели со судиите.
– Тоа што го направи Зверев ја мина границата. Кога еден играч ќе го скрши својот рекет од столчето на судијата и е блиску да го удри во ногата, тој не смее да се појави на теренот после само две или три недели. Мора да мине низ некоја психолошка рехабилитација, да помине време пред да се врати на теренот.
– Мора да го казниме како што доликува, вака се остава лоша слика. Да се врати на теренот после две или три седмици е прерано и треба да промениме вакви работи.
– Паричната казна не е доволна, за вакво однесување, треба казна од три или шест месеци. Треба да биде суспендиран од најважните случувања во тенисот оваа година, така ќе ја научи лекцијата. Кога велам најважните случувања, мислам на грен-слемите, турнирите од АТП серијата 1000 и Дејвис Купот. Мора да подвлечеме црта која не смее да се мине на тенискиот терен, – потенцира Виландер.



