Додека на другите стадиони во Премиер лигата се слушаше еднoминутен аплауз за поддршка на Украина, навивачите на Челзи кои дојдоа да ги следат своите миленици на стадионот „Терф Мур“ во Барнли го скандираа името на Роман Абрамович.
Тоа не му се допадна на менаџерот на „сините“, Томас Тухел, кој смета дека навивачите избрале погрешен момент да му оддадат почит на поранешниот сопственик, кој го претвори клубот во европски гигант.
– Не беше време да го направат тоа. Ако се солидаризираме, покажуваме солидарност и тоа треба да го направиме заедно. Сите заедно клечиме (во борбата против расизмот). Доколку за жал умре важна личност од нашиот клуб или друг клуб, ние покажуваме почит со едноминутно молчење, ова не е време за испраќање други пораки. Тоа го правиме затоа што сме ние, покажуваме почит како клуб и неопходно е нашите навивачи да се посветат на минутата аплауз – изјави Тухел за Скај.
Роман Абрамович во средата објави дека го продава Челзи по заканите од британскиот парламент дека против него ќе бидат применети санкции поради неговата блискост со руското политичко раководство.