Прочка претставува голем празник за православните верници и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Проштавањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите… се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики поклади, меѓу народот познат и како Проштени поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници, како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници, како што се: Тодорова сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
На Прочка се изведуваат богати обичаи, како што се проштавањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи, како што е на пр. проштавањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.
Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно, постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.
Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо.