Пауло Дибала се уште не се договорил за условите од новиот договор со Јувентус. Преговорите не донесоа резултат, а сега се вмеша и актуелниот шампион на Италија.
Ова го тврди италијанскиот новинар Даниеле Мари кој ги изнел и деталите од договорот што му ги понудиле челниците на Интер на 28-годишниот аргентински фудбалер.
На маса е петгодишен договор вреден седум и пол милиони евра годишно, а тоа е за нијанса подобра понуда од онаа што му ја понуди „старата дама“.
Имено, Јувентус на Дибала му нуди тригодишен договор вреден седум милиони евра годишно со дополнителни бонуси.
Директорот на Интер, Џузепе Марота е убеден дека Дибала би можел да заврши на „Џузепе Меаца“ и неговиот трансфер во редовите на големиот ривал сигурно ќе дигне голема прашина на Апенините.
Трансферот сигурно би бил означен како предавство меѓу навивачите на Јувентус, бидејќи преминувањето во редовите на еден од најголемите ривали едноставно не може да се прости, а Дибала се подготвува да ѝ забие нож во грб на „старата дама“.
Пауло Дибала е член на Јувентус од 2015 година. Тој пристигна од Палермо и играше навистина феноменален фудбал. Аргентинецот одигра 281 натпревари за тимот од Торино и постигна 112 гола.