Кошаркарите на Црвена звезда приредија изненадување во заостанатиот натпревар од 20 коло од Евролигата и го совладаа Реал Мадрид со 65:62. Со победата, Црвена звезда по вечерашната победа има скор од 10 победи и 12 порази за деветто место на табелата, додека Реал Мадрид го доживеа четвртиот пораз по ред, но остана на второто место на табелата со скор 16-6.
„Кралевите“ во салата „Александар Николиќ“ имаа напад за продолженија, но Серхио Љуљ го промаши шутот за три поени, и иако се бараше прекршок, судиите сметаа дека се е чисто што значеше победа за „црвено-белите“.
Црвена звезда можеше и порано да ги реши дилемите околу победникот бидејќи на шест минути пред крајот имаше предност од 55:46, а потоа и 63:56, но Реал со две тројки по ред се врати во игра, имаше шут за продолжение, но не го искористи.
Најефикасни во редовите на Црвена звезда беа Никола Ивановиќ и Дејан Давидовац со по 13 постигнати поени, додека кај Реал најефикасен беше Серхио Љуљ со 20 поени.
Во вториот натпревар кој се играше вечерва, Басконија со 87:74 го совлада актуелниот европски шампион Анадолу Ефес и ја забележа седмата победа сезонава.
Најпрецизен кај Басконија беше Болдвин со 20 постигнати поени, додека кај Анадолу Ефес, Василије Мициќ даде 23, а Шејн Ларкин 21 поен.