Властите во Обединетото Кралство најавија воведување санкции против седум лица од Русија, меѓу кои и Роман Абрамович. Имотот на Абрамовиќ ќе биде замрзнат, ќе му биде забрането да работи со фирми и поединци на Островот, а ќе му биде забрането да патува во земјава.
По почетокот на војната во Украина беа воведени санкции за руските бизнисмени и спортисти ширум светот. Роман Абрамович тогаш реши да се повлече од кормилото на Челзи, односно да го продаде клубот и сите пари да ги уплати во фондот за жртви од војната.
Сепак, санкциите што му беа изречени на првиот човек на сините ја комплицираат ситуацијата и тој сега нема да смее да го продаде клубот, но тоа не е се.
Оваа одлука има и други последици, па Челзи веќе нема да може да продава билети за натпревари, поточно отсега на натпреварите на „сините“ ќе можат да присуствуваат само носителите на сезонски билети.
– Имајќи го предвид значајното влијание на денешните санкции врз ФК Челзи и потенцијалните ефекти од сето ова, Владата утринава издаде дозвола со која се регулира бројот на фудбалски активности кои Челзи може да ги продолжи. Ова вклучува дозволување на клубот да продолжи да игра натпревари, како и сите други активности, кои во суштина ќе ја заштитат Премиер лигата, лојалните навивачи и другите клубови. Оваа лиценца дозволува само активности за да се осигура дека оние кои се погодени од санкциите не можат да ги заобиколат. Лиценцата ќе продолжи да се разгледува редовно и внимателно, а ние ќе продолжиме да работиме со фудбалските власти, се вели во соопштението на Владата на Обединетото Кралство.