Челси посилен од сите проблеми, Астон Вила ја продолжи агонијата на Лидс (ВИДЕО)

Фудбалерите на Челси не дозволија да „паднат“ пред големите проблеми во кои се најдоа по одлуката на Велика Британија да го замрзне имотот на Роман Абрамович и да ја стопира продажбата на клубот, па со сигурна игра убедливо, како гости, го совладаа последно пласираниот Норич (3-1) во еден од четирите денешни меча од Премиер лигата.

Решеноста да дојдат до трите бода, со кои се зацврстија на третата позиција, „сините“ ја покажаа со голот уште во третата минута преку Чалоба, а потврдата на големата желба беше потврдена десетина минути подоцна со удвојување на предноста со погодокот на Маунт. Пуки од пенал во 69. минута донесе надеж за домашниот тим, која падна во вода во последната минута, кога Каи Хаверц го постави конечниот резултат.

Астон Вила, пак, дојде до третиот триумф во низа и тоа на гости кај Лидс (3-0), со што ја продолжи агонијата на поранешниот тим на нашиот Езџан Алиоски, за кој ова беше шести неуспех по ред. Лесен триумф обезбеди Волверхептон против Вотфорд (4-1), а за одбележување е триумфот на Њукасл кај Саутемптон (2-1), во кој големото засилување на гостите, Бруно Гимараеш, го постигна првиот погодок во Премиер лигата.

Треба да знаете
Последни објави