Хофенхајм и Баерн Минхен одиграа нерешено 1:1 во дербито на 26. коло од Бундеслигата. Домаќините први дадоа гол и тоа преку Баумгартнер во 32 минута, но Баерн до крајот на првиот дел израмни.
Роберт Левандовски беше прецизен во третата минута од судиското надополнување и израмни на 1:1. Со овој гол, полскиот репрезентативец израмни еден рекорд во Бундеслигата. Ова е 17-ти погодок сезонава на гостински терен за Левандовски со што ги израмни постигнувањата на Јуп Хајнкес од сезоната 1973/74 и на Тимо Вернер од пред две сезони.
До крајот на првенството, Левандовски ќе има шанса да стане сопственик и на овој рекорд, затоа што му е потребен само уште еден погодок на гостински терен.
Во вториот дел, немаше погодоци, па Хофенхајм и Баерн Минхен одиграа нерешено за прв пат во последните шест години.
Во останатите мечеви кои се одиграа Фрајбург со 3:2 го победи Волфсбург, додека Унион во Берлин одигра само 1:1 против Штутгарт.