„Длабока вода“, со Бен Афлек и Ана де Армас во главните улоги, е еротски трилер од некогашниот мајстор на ваков вид филмови: британскиот режисер Адријан Лин, човекот зад „9½ недели“, „Фатална привлечност“, „Непристоен предлог“ и „Неверни“ – популистички класици од 80-тите, ’90-тите и’00-тите што ja истражуваа раскрсницата на моралот и сексуалноста.
Лин сега има 81 година, но „Длабока вода“ – неговиот прв филм по 20 години – сè уште го наоѓа како ѕирка низ истите замаглени прозори. Сценариото на Зак Хелм и Сем Левинсон е адаптирано од истоимениот роман на Патриша Хајсмит.
Афлек го игра Вик Ван Ален, а Де Армас е неговата сопруга Мелинда – богат пар од Њу Орлеанс, родители на малата ќерка Трикси – чиј брак е распаднат од неверство. Вик на почетокот изгледа задоволен со тоа што ѝ дозволува на сопругата да се гледа со други мажи. Тој го трпи тоа – како што се гледа во раните сцени кога ќе ја види Мелинда како се бакнува со згоден млад русокос на забава.
Дали таа го прави тоа намерно, за да го испровоцира? Дали се тоа игри со умот? Дали и двајцата се откажуваат од оваа извртена „отворена“ врска? Настаните стануваат уште помрачни кога ќе се појави телото на еден од „пријателите“ на Мелинда, само неколку дена откако Вик се пошегува дека го убил.
Одеднаш, сите жители на градот почнуваат да веруваат дека Вик е убиец. Семејниот пријател Лајонел Вашингтон (Трејси Летс) станува особено убеден во неговата вина и не се плаши да ја каже.
Во споредба со претходната работа на Лин, „Длабока вода“ е класа подолу, според некои критичари, кои тврдат дека овој филм го нема истиот шмек на „Фатална привлечност“. Но, има нешто пријатно во ова дело, иако е далеку под очекувањата, а тоа ќе ги воодушеви љубителите на еротските трилери и романите на Хајсмит. Секс, пари и убиство – старите фаворити се преобразија во возбудлив поглед на модерните сексуални обичаи.
Deep Water ќе почне да се стримува на „Амазон прајм“ на 18 март.