Актуелниот европски шампион Челси и најтрофејната екипа во Лигата на шампионите, Реал Мадрид, ја сочинуваат најинтересната двојка во четвртфиналето во елитното клупско натпреварување. Првиот натпревар треба да се игра на „Стемфорд бриџ“, додека одлуката за патникот во полуфиналето ќе падне на „Сантијаго Бернабеу“.
Во четвртфиналето ќе има уште една шпанско-англиска пресметка, Манчестер сити го очекува двомеч со Атлетико Мадрид кој во осминафиналето пак беше поуспешен од градскиот ривал на идниот противник, Манчестер јунајтед. Сити е домаќин на првиот натпревар, а реваншот ќе се игра на „Ванда Метрополитано“.
Нешто полесни противници, барем на хартија добија Баерн Минхен и Ливерпул. Баварците ќе играат против Виљареал кој во осминафиналето го елиминира Јувентус, додека Ливерпул го очекува дуел Бенфика која го исфрли Ајакс.
Во првото полуфинале ќе играат победниците од мечевите помеѓу Челси-Реал и Сити-Атлетико, додека второто полуфинале ќе биде двобој од подобрите од дуелите Бенфика-Ливерпул и Виљареал–Баерн Минхен.
Првите четвртфинални натпревари ќе се играат на 5. и 6. април, додека реваншите се закажани за седум дена подоцна.
Двојки за четвртфинале:
1. Челси – Реал Мадрид
2. Манчестер С. – Атлетико М.
3. Вилјареал – Баерн М.
4. Бенфика – Ливерпул
Двојки за полуфинале
победник од натпревар 2 – победник од натпревар 1
победник од натпревар 4 – победник од натпревар 3