Столе Димитриевски не успеа да го запре актуелниот шпански првак Атлетико Мадрид, па Коке со гол после голема грешка во поставувањето во дефанзивата на стартот на вториот дел погоди во мрежата и на шампионот му донесе минимален триумф од пресметката со Рајо Валјекано.
Рајо дефинитивно не е оној истиот тим од првиот дел од сезоната и големиот пад предизвика да се најде во вториот дел од табелата во Ла Лига, нешто што не се менува и со враќањето на Столе Димитриевски на голот.
Фантастичната асистенција на Жоао Феликс во акцијата еден-два со Коке и правовременото додавање во шеснаесетникот во кој се создаде огромна дупка, на капитенот и фудбалер за врска му отвори зицер, па шпанскиот репрезентативец не згреши и погоди во 49-та минута. Тој гол беше доволен за петта победа по ред на Атлетико и продолжување на пеколната трка со Барселона и Бетис за местата во Лигата на шампионите.
Димитриевски успеа на Ентоан Гризман да му одбрани зицер на средина од вториот дел, имаше уште една интервенција од вкупно трите директни удари кон голот, но Рајо немаше идеја како да се избори за повеќе од минимален пораз и покрај поголемиот посед на топката и повеќето напади на мечот.
Анхел Кореа на пет минути пред крајот беше исклучен, но и фудбалерот повеќе на Рајо до крајот не му помогна за барем бод, по што овој клуб остана без победа во оваа 2022 година, сега со 32 бода на 13-та позиција, осум над зоната за испаѓање на девет кола до крајот на шампионатот.



