По само 143 дена на клупата на Барселона (и со неколку клучни засилувања), Чави Ернандез покажа како може да изгледа новата ера на каталонскиот гигант со неверојатна доминантна 0:4 победа на „Сантијаго Бернабеу“ над бледите Реал Мадрид во „Ел класико“ за кое долго ќе се зборува.
Пјер-Емерик Обамејанг, кому многумина му предвидуваа паѓање во „сенка“ по проблемите кои ги имаше во Арсенал, го мотивираше клубот да стигне до неверојатна победа, која секако, не е клучна во борбата за титулата, бидејќи Реал е многу далеку од нив, но ќе донесе голем оптимизам во Каталонија. Од друга страна, еуфоријата на „кралевите“ по елиминацијата на ПСЖ во Лигата на шампионите одеднаш спласна, откако тимот без Карим Бензема во составот беше апсолутно декласиран пред сопствените гледачи и повторно носи многу прашања околу иднината на Карло Анчелоти на клупата.
По брзиот старт на Барса, првиот гол падна преку „старата“ комбинација на Борусија Дортмунд – Усман Дембеле одлично му асистираше на Обамејанг, кој не згреши за 0:1 во 29. минута од мечот. Девет минути подоцна повторно по корнерот на Дембеле, Роналд Араухо беше највисок во скокот и Тибо Куртоа повторно беше немоќен.
Кога се чекаше одговор на „кралевите“ во второто полувреме, во 47. минута, Обамејанг имаше „валкано“ додавање со петица до Феран Торес, кој овојпат не згреши и веќе беше 0:3. Во 53. минута, Торес, пак, му ја врати „услугата“ на Обамејанг за 0:4, откако првично беше досуден офсајд, па по ВАР проверката, голот беше признаен.