Трајковски: Сакам Италија да нѐ потцени, па да им покажеме која е Македонија!

Александар Трајковски пред неполни пет години го шокира Торино со голот за реми 1-1 во единственото досегашно гостување на Македонија, со кој на „аѕурите“ им ја најави катаклизмата што заврши со неучество на СП во Русија пред четири години и сега против нив имаме шанса во мундијалскиот бараж одново да им приредиме шок

Македонија денеска попладне заминува за Сицилија каде во четврток ќе го одигра мечот од полуфиналето, а Трајковски после скоро три години се враќа во градот во кој ги помина наубавите четири години како фудбалер на сицилијанската гордост Палермо.

„Кога слушнав дека ќе се игра во Палермо бев многу среќен, зашто поминав многу убави четири години во тој клуб и тој град. Знаеме колку е важен овој меч за Македонија и верувам во нас дека ќе успееме да ја израдуваме Македонија и да го дадеме нашиот максимум. Ми пишуваат пријатели од Палермо и ме чекаат да дојдам. Ете се погоди овој меч да се игра таму, среќен сум и јас што ќе ми се укаже шанса да се вратам на Сицилија и се надевам дека ќе го победиме“, вели Трајковски.

Македонскиот напаѓач посакува Италија да нѐ потцени, за Македонија да ја покаже уште еднаш својата вредност.

„Би сакал Италија да нѐ потцени и после да им покажеме колку згрешиле. Имаме доста добри играчи, тоа го покажавме и до сега со добри резултати и добра игра, сега и во Палермо ќе покажеме колку сме добри и колку вредиме“, додава Трајковски.

Пред скоро пет години успеавме да извлечеме реми, но Трајковски смета дека сега овој меч ќе биде поинаков, а бидејќи се работи за една пресметка во 90 или 120 минути, можеби и пенали – сѐ е можно!

„Поразличен ќе биде овој меч од тој во Торино, иако и тој на Италијанците им беше битен тогаш. Еден меч е, секако дека важи за еден од поважните меечви и за нив и за нас. Ние ваква шанса сме немале, на два меча сме до СП. Имаат голем притисок, а ние нема што да загубиме. Храбро и без страв да го дадеме нашиот максимум и да покажеме дека можеме да одиме понатаму“, заврши Трајковски.

Треба да знаете
Последни објави