Ибрахимовиќ: Кога ќе помислам дека се ближи крајот ме фаќа паника

Шведска во четврток од 20:45 часот во полуфиналето од плејофот за Светското првенство во Катар ќе игра против Чешка, а во решавачкиот меч победникот ќе се сретне со Полска, која директно влезе во плејофот поради суспензијата на Русија.

Златан Ибрахимовиќ (40) во пресрет на дуелот со Чесите зборуваше за можноста да стави крај на кариерата.

„Ме фаќа малку паника поради можноста да престанам да играм. Секако дека ќе продолжам што е можно подолго, сè додека можам да постигнувам резултати, сè додека сум добар на теренот, без тегоби“, изјави Ибрахимовиќ, кој чека ново продолжување на договорот со Милан.

„Не знам што ќе се случи понатаму, додека ја пишував книгата бев малку исплашен. Улога во фудбалот? Ќе видиме кога ќе дојде тој ден. Би можел да започнам нешто ново, да се одморам или целосно да исчезнам. Се разбира, адреналинот што го чувствувам сега никогаш повеќе нема да го почувствувам. Програмирани сме да се будиме, да се подготвуваме за тренинг, да тренираме, да одиме дома и да се одмориме. Мислам дека вие ќе бидете потажни што никогаш повеќе нема да ме видите како играм. Сега треба да се забавуваме, вакво нешто повеќе нема да видите“.

Треба да знаете
Последни објави