Фудбалската репрезентација на Македонија го елиминира европскиот првак Италија (0-1) во баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Херој е Александар Трајковски кој постигна во 90.минута. Одиме во финале, против Португалија во Порто, на чекор до мундијалот.
Македонија ги издржа сите налети на Италија, на „италијански начин“ со тотално катеначо сѐ одбрани и кога сите чекаа дополнителни 30 минути, следеше шок со брилјантен гол на Трајковски од 20 метри.
После три години Трајковски се врати во Палермо, каде ги доживеа најубавите моменти, а како и во октомври 2017 година, повторно беше јунакот. Тогаш даде гол за ремито 1-1 за да почне македонската ренесанса, а вечерва погоди за невидена победа после херојска дефанзива и издржани 90- минутен пекол од безбројните напади на Италијанците, кои не знаеа како да ни дадат гол.
Македонија ја победи Италија на италијански начин. Се бранеше, ги трошеше „аѕурите“, ги нервираше и кога се чекаше барем продолженија, дојде студениот туш. Италија после СП во Русија во 2018 година, ќе го пропушти и ова СП во 2022 во Катар, што на Апенините е – трагедија.
Македонија, пак, за мундијалска виза ќе се бори со Португалија во Порто за пет дена!