Кинеските стриминг-платформи, вклучувајќи ги Tencent Video и iQiyi, ги отстранија сите филмови и видеосодржини во кои глуми канадскиот актер Кијану Ривс, откако тој се приклучи на онлајн добротворен концерт за поддршка и промовирање на културата на Тибет.
Виртуелниот настан се одржа на 3 март во организација на непрофитната организација „Тибет хаус САД“, основана од Далај Лама.
По проверките што ги направи новинската генција „Ројтерс“, јасно се гледа дека култните серијали „Матрикс“ и „Џон Вик“, како и филмот „Брзина“ повеќе не се таму. „Ројтерс“ не можел да утврди кога биле отстранети.
„Лос Анџелес тајмс“, кој прв го пријави отстранувањето на содржината во четвртокот (24 март), обелодени дека најмалку 19 негови филмови се повлечени од „Тенсент видео“.
Кон крајот на јануари, Ривс беше мета на остри критики од кинеските корисници на социјалните мрежи, од кои некои повикаа на бојкот на неговата работа во Кина, откако се покажа дека тој планира да се појави на концертот организиран од непрофитната организација „Тибет хаус“ со седиште во Њујорк, основана на барање на Далај Лама, духовниот водач на тибетскиот будизам.
Настанот се одржа онлајн поради ограничувањата на движење со цел да се спречи ширењето на Ковид-19.