Фото: Слободан Ѓуриќ
Македонија ја забележа најголемата победа во својата фудбалска историја, откако среде Италија го зеде скалпот на актуелниот европски првак и се пласираше во финалето од баражот за пласман на СП 2022 во Катар.
Италијанците уште долго нема да можат да се помират со вечерашниот пораз, откако не успеаја да го најдат патот до мрежата на Столе Димитриевски и беа шокирани во самиот финиш со голот што го постигна Александар Трајковски.
Успехот е уште поголем ако се знае дека Италија во својата историја нема загубено ниту еден квалификациски натпревар на домашен терен кога станува збор за квалификации за СП.
„Аѕурите“ досега имаа одиграно 59 домашни средби во мундијалските квалификации, при што забележаа 48 победи, 11 реми и ниту еден пораз…
Вообичаено по спортските успеси на нашата држава, скопјани и вечерва победата над Италија ја прославуваат свирејќи со автомобилите низ центарот на Скопје, каде неколку илјади граѓани ја слават победата. Сепак, нема многу време за славје бидејќи само за неколку дена ќе следи гостувањето против Португалија, во финалната битка во која победа ќе значи билет за СП 2022.