Повеќе од 18.000 луѓе вчера се простија од Аки Рахимовски во загрепската Арена на концертот „Ваљак и пријателите: Доволно е да се каже… Аки“. Тоа без сомнение беше најемотивниот настап на Парни Ваљак во нивната 47-годишна музичка кариера, сосема очекувано, бидејќи тие првпат се појавија на сцената без нивниот фронтмен, пејачот Аки Рахимовски, од чија смрт поминаа нешто повеќе од два месеци.
До самиот почеток на концертот, бендот успеа да ги чува во тајност имињата на повеќето музичари – пријателите кои наместо Аки ги пееја хитовите на Ваљак- Златан Стипишиќ Џибони, Момчило Бајагиќ Бајага, Масимо Савиќ, Нина Бадриќ, Давор Гобац, Нено Белан, Перо Галиќ, Дино Јелушиќ, Филип Рудан, Нермин Пушкар и синот на Аки, Кристијан Рахимовски.
Концертот започна со снимката на „За малку нежност“ и фотографиите на Аки, па барем за кратко со ликот и гласот на Рахимовски повторно се најде пред публиката.
„Овој концерт мора да биде радост и сеќавање на животот што малкумина го имале“, рече Хусеин Хасанефендиќ Хус.
Оваа фантастична вечер во Арената достојна за Аки, ја заврши нешто по полноќ Златан Стипишиќ Џибони со песната „Се уште мириса на неа“, а при изведбата на таа песна на Џибони на сцената му се придружија сите гости.