Најдоминантниот тим изминатата деценија во шампионатот на Формула 1, Мерцедес, се соочува со големи проблеми на стартот од новата сезона. Мерцедес, според перформансите е далеку од Ферари и Ред Бул.
Возачите на Мерцедес, вчерашната трка за Големата награда на Саудиска Арабија ја завршија на петтото и десеттото место. Џорџ Расел го освои петтото место, а седумкратниот шампион Луис Хамилтон, немаше среќа при откажувањата на Фернандо Алонсо и Даниел Рикардо го освои десеттото место.
Алонсо и Рикарди своите болиди ги паркираа пред влезот во боксот, поради што Хамилтон не можеше да влезе кај своите механичари по нов сет на гуми, додека се возеше под жолто знаме.
„Не можев да го следам возилот на Хас. Далеку сме од момците кои се на врвот“, рекол Хамилтон.
Расел бил разочаран од фактот дека Ред Бул и Ферари биле побрзи за една секунда во секој круг.
„Луис и Џорџ завршија добра работа, може да бидат понапред, но во овој момент немаат болид за нешто такво. Немам возило какво што посакуваме. Заостануваме зад конкурентите. толку сме назад што нема да бидеме конкурентни во наредните трки. Сепак сезоната е долга, имаме 22 трки, а досега возевме само две“, изјавил шефот на тимот, Тото Волф.
Наредната трка, трета во сезоната, ќе се вози на 10.април во Австралија.