Салах промаши пенал, Мане погоди за пат во Катар, Гана ја изненади Нигерија

Пласман на Светското првенство во Катар изборија фудбалерите на Сенегал и Гана.

Сенегал на домашен терен го совлада Египет во последното коло од африканските квалификации по подоброто изведување пенали (3-1). По првиот меч и 1-0 на Египет, со истиот резултат славеше и Сенегал на домашен терен во Диамниади.

Голот беше постигнат во четвртата минута по автогол на Хамди Фатхи. Останатите 116 минути мрежите мируваа, а Египќаните воопшто не се прославија во пенал рулетот. Тројца беа непрецизни, вклучувајќи го и Салах, додека Садио Мане постигна гол заславје на Сенегал.

Да потсетиме дека неодамна овие две репрезентации играа во финалето на Африканскиот куп на нации. И тогаш победникот го решаваа пенали, а и тогаш подобар беше Сенегал.

Фудбалерите од Гана го прославија преминот на Светското првенство на гостински терен во Абуџа каде одиграа 1-1 против Нигерија. Првиот натпревар заврши без голови, но бидејќи Меѓународната фудбалска организација се уште не го укина правилото за гол на гости, Гана врз основа на тоа оди понатам.

Преостанатите три реванш натпревари од последното коло од африканските квалификации се играат вечерва.

Треба да знаете
Последни објави