Трајковски: Македонија на СП е наш долгогодишен сон, се надеваме дека вечерва ќе го претвориме во јаве

Македонската фудбалска репрезентација е пред испишување на ново поглавје во своето досие – учество на Светско првенство. Предизвикот што е испречен пред неа е Португалија, европскиот првак од 2016 година. Мечот е без поправен и ќе се одигра на стадионот „Драгао“ во Порто на чии трибини се очекуваат околу 50.000 навивачи кои ќе бидат „ветар во грб“ за фаворизираните домаќини, наспроти, според најавите, околу 2.000 на македонскиот тим.

Зад „црвено-жолтите“ е гостувањето кај селекцијата на Италија во Палермо, но амбиентот, како во четвртокот, така и вечерва, се надеваме дека нема да направи дисбаланс во македонскиот состав. Ваква шанса се добива ретко и вреди за борба до последен атом од силите, бидејќи кој знае дали и кога повторно ќе бидат на 90 минути до Мундијал.

Александар Трајковски, човекот кој предизвика фудбалско „помрачување“ во Италија во четвртокот со погодокот во втората минута од судиското ектра време, најавува беспоштедна борба вечерва.

„Некогаш изгледаше неверојатно, но денеска ете нè на еден натпревар до Светско првенство. Тоа е сон што го сонуваме со години, се надевам дека ќе се претвори во јаве и Македонија, конечно, ќе се пласира и на Мундијал. Победа значи настапи во Катар во друштво на светската фудбалска елита. Нема поголем мотив од тоа. Ние сме подготвени и она што можеме да ветиме е борба до последна капка пот. Португалија е силна репрезентација за која не треба да се трошат многу зборови. Заслужуваат респект и го имаат од нас. Меѓутоа финале за Мундијал си е финале. Играме да победиме, па се надевам дека ќе успееме во тоа вечерва“, вели Александар Трајковски.

Треба да знаете
Последни објави