Фернандеш со два гола е португалскиот херој, Македонија остана без Мундијал

Македонската фудбалска репрезентација загуби од Португалија со 2:0 во финалето од плејофот за настап на Светското првенство 2022, вечерва во Порто.

Двоен стрелец на средбата на „Драгао“ одиграна пред околу 50 илјади гледачи, од кои 1 500 Македонци, беше фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш.

Португалците беа подобар тим во првото полувреме и од три големи шанси една претворија во гол. Фернандеш погоди во 32. минута на асистенција на Кристијано Роналдо, а по грешката на капитенот Стефан Ристовски.

И вториот гол Португалците го постигнаа во транзиција во 65. минута, откако Пепе пред сопствениот шеснаесетник му ја пресече топката на Енис Барди и повлече контра.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски, иако се обидуваа да се надигруваат со големиот фаворит, сепак не успеаја посериозно да го загрозат голот на Диого Коста.

Покрај Португалија, вечерва настап на Светското првенство во Катар обезбеди и селекцијата на Полска која ја победи Шведска.

Треба да знаете
Последни објави