Добротворниот концерт за Укрина на кој учествуваа суперѕвездите Ед Ширан и Камила Кабело, како и бендот „Маник стрит причерс“, меѓу другите, собра повеќе од 12,2 милиони фунти (над 21 милион долари) за украинските бегалци.
Емотивните приказни за бегалците од Украина и настапот на украинската победничка на „Евровизија 2016“ донесоа моќни моменти на настанот, организиран од британската ТВ-мрежа „Ај-ти-ви“.
„Концертот за Украина“ се одржа во живо во „Ресортс ворлд арена“ во Бирмингем во вторникот вечерта.
Џамала имаше страсна изведба на нејзината песна „1944“, победник на Евровизија во 2016 година. А приказните за двајца Украинци беа во центарот на вниманието кога ги прочитаа актерите Тамсин Грејг и Еди Марсан.
Шкотскиот виолинист Никола Бенедети ги придружуваше актерите додека ги пренесуваа мачните приказни за бегството од руската инвазија.
Џамала доби најгласни овации кога го крена украинското знаме кое го држеше во текот на целиот свој настап.
Пејачката побегна од Киев со своите деца на почетокот на војната. „Беше навистина тешко, но сега сум тука“, изјави таа претходно за „Ај-ти-ви“. „Ви благодарам многу на сите музичари што ја поддржувате Украина, што застанавте со Украина, бидејќи тоа е навистина важно за нас.“
Приходите од концертот ќе бидат наменети на хуманитарниот апел на украинскиот комитет за вонредни ситуации , кој обезбедува храна, вода, засолниште и медицинска помош за раселените лица во Украина и бегалците во соседните земји.