Панчев: Со Пандев губевме и од Андора, Милевски веднаш треба да добие нов договор

Најдобриот македонски фудбалер на 20-от век, Дарко Панчев ѝ порача на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) да му даде нов четиригодишен договор на актуелниот селектор Благоја Милевски, кого после победата со Италија го испофали и посочи дека е најдобриот селектор кој го имала македонската репрезентација досега.

Популарната „кобра“ во интервју за германски „Франкфуртер Алемајне Цајтунг“ посочи дека да е претседател на ФФМ веднаш би ја продолжил соработката со Милевски, кој во август лани седна на кормилото и го наследи Игор Ангеловски и има договор до 2024 година.

„Да сум претседател на ФФМ веднаш би му го продолжил договорот на Милевски и би му дал нов четиригодишен договор. Јас сум импресиониран од неговата работа и од концептот, посебно што претходно имаше одлична работа со младата репрезентација. За мене, тој е најдобриот селектор што досега го имала Македонија“, вели Панчев.

Тој додава дека оваа репрезентација сега со Милевски може уште повеќе да напредува.

„Победите со Германија и Италија не може да се споредуваат, првата беше во квалификации, втората во плејоф, но без оглед на сѐ, тие две победи се голем белег и пресвртница во историјата на македонскиот фудбал“, потенцира Панчев.

„Придонесот на Горан Пандев за Македонија е неспорен. Не може да се заборави дека тој го даде голот во Тбилиси против Грузија за пласман на Европското првенство, ама не може да се заборави дека и со него во тимот губевме од Андора. Но, мислам дека сега фудбалери како Барди, Алиоски, Адеми може уште повеќе да се развиваат и тоа ќе биде одлично за понатамошните резултати на Македонија“, додаде Панчев.

Треба да знаете
Последни објави