Ракометарите на Вардар загубија на домашен терен од Веспрем со 22-30 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.
Капитенот на македонскиот првак, Стојанче Стоилов, вели дека Веспрем ја оправдал фаворитската улога.
-Сакам да му честитам на Веспрем. Победија тука, каде што за сите е тешко. Се случува, игравме добро само 15 минути на стартот. Потоа нивните голмани ни пркосеа, бевме збунети во напад и така паднавме на самодоверба. Веспрем беше фаворит и си ја заврши својата задача, а ние не можевме да ги изненадиме. Можеби изгледа невозможно, ама сè може да се случи во Унгарија и се надевам ќе одиграме подобро, изјави кружниот напаѓач.
Следен предизвик за вардарци ќе биде гостувањето кај Еурофарм Пелистер 2 во Суперлигата, а реваншот со Веспрем ќе биде на 6 април.