Фото: Слободан Ѓуриќ
Ракометарите на Вардар се поразени со 22:30 против Веспрем во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите што се играше во СЦ „Јане Сандански“.
Шокот од поразот од Пелистер во плеј-офот во Суперлигата го зема данокот, „црвено-црните“ имаа премногу падови во играта, технички грешки во нападот кои екипа како Веспрем знаеше да ги искористи и да слави во Скопје.
Натпреварот започна со два гола на Мае за водство од 0:2 на Веспрем, но Вардар имаше одговор.
Во наредните десет минути „црвено-црните“ го оставија Веспрем без постигнат гол, а во нападот проработеа Филип Талески и Тимур Дибиров и на Вардар му донесоа предност од 5:2.
Веспрем ја прекина серијата со голот на Благотиншек по што следеше период во кој се играше гол за гол. Така беше се до 23 минута кога Унгарците по голот на Нилсон израмнија на 9:9, а истиот ракометар една минута подоцна на својот тим му донесе и предност од од 9:10.
Во 28 минута Веспрем за прв пат има предност од три гола откако погоди поранешниот вардарец Македа за 10:13. Во следниот напад погоди Талески, но Ненадиќ ја врати пресноста од три гола и Веспрем во поседниот напад погоди Лекаи по што Вардар на одмор замина со негатива од четири гола (11:15).
Во првиот дел одлично одигра Филип Талески кој даде шест гола, додека Дибиров сите три гола ги постигна од линијата за седум метри. Кај Вепрем, Нилсон беше најефикасен со пет постигнати голови.
Второто полувреме започна со гол на Ѓукиќ, а во одбраната беше сигурен Томовски. Но, Унгарците ја казнија грешката на Додик и ја вратија предноста од четири гола (12:16).
Во 35 минута, Веспрем за прв пат има предност од пет гола откако Ненадиќ го совлада Томовски. Во наредната минута, Македа и Штрлек ја погодија празната мрежа на вардарци кои во нападот дури три пати по ред ја погодија стативата и Веспрем поведе со 12:19.
Грешките на „црвено-црните“ во нападот, сурово ги казнуваше противникот и натпреварот почна да заликува на минагодинешната осминафинална пресметка во ЛШ кога Веспрем славеше на првиот натпревар во Скопје со 27:41.
Капитенот Стоилов ја прекина серијата од 11 минути без гол на Вардар, но во продолжение од натпреварот се разбрани Коралес и единствена дилема до крајот на натпреварот единствена непознаница беше само конечниот резултат. На крајот Веспрем славеше со 22:30 и со предност од осум гола го очекува реваншот пред своите гледачи што ќе се игра на 6 април.
Најдобар во редовите на Вардар беше Филип Талески со шест гола, но сите го даде во првото полувреме, а пет постигна Дибиров. Кај Веспрем, Нилсон даде осум гола, а Ненадиќ даде шест.
Многу легендарни имиња поминале низ соблекувалните на двата клуба, а голем дел од нив ја нарекувале домашна и „Јане Сандански“ и Веспрем Арената. Меѓу нив актуелниот ракометар на Веспрем и македонски репрезентативец Дејан Манасков, како и двоецот кој го бранеше голот на шампионскиот Вардар од 2017 година, Арпад Штербик и Петар Ангелов.