Бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) вечерва со соопштение реагираше дека големо изненадување се резултатите од пописот во Северна Македонија кои покажаа дека во земјава како Бугари се декларирале 3 504 лица. Т
оа, според официјална Софија, е драстична разлика од поднесените барања за бугарски пасоши.
„Република Бугарија во повеќе наврати истакна дека е од огромно значење да се создадат услови за слободно самоидентификување на граѓаните со бугарска самосвест во Република Северна Македонија и гарантирањето на нивните права. Во таа насока, со големо изненадување ги прифаќаме објавените податоци за бројот на граѓани кои се декларирале како Бугари на пописот во земјата. Забележуваме дека има драстична неусогласеност помеѓу овие и податоците за бројот од над 100 000 граѓани на Северна Македонија кои лично поднеле документи кои докажуваат бугарско потекло и самосвест со цел добивање на бугарско државјанство, пишува во реакцијата на бугарското МНР.
Оттаму велат и дека за нив предмет на сериозна анализа е фактот што во земјава за 7,2 отсто (132 260) од граѓаните податоците се преземени од бази на податоци и не се активно пребројани на терен односно се заведени без да се утврди нивната етничка или верска припадност.
Исто така, забележуваат и што нема информации за бројот на државјани на Северна Македонија кои се во дијаспората, а се декларирале како Бугари.
„Ги земаме предвид сомнежите за транспарентноста и кредибилитетот на процесот искажани од организациите на Бугарите во Северна Македонија за време на пописот и при објавувањето на резултатите. Очекуваме нивниот глас да биде слушнат и од властите во Северна Македонија“,
додаваат од бугарското МНР во реакцијата.
За резултатите од пописот во Бугарија веќе реагираа и поранешната шефица на дипломатијата од партијата ГЕРБ, Екатерина Захариева, лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, но и бугарскиот претседател Румен Радев, кој обвини за беззаконие во земјава и порача дека Бугарија мора да продолжи со ветото додека не добие јасни гаранции за заштита на нејзиниот интерес.