Ова ќе остане така сè додека со секој нов ден има стотици заразени, вели Министерот за здравство Беким Сали. Според него, подобрата епидемиолошка состојба отвора можност за тргање по некоја мерка, а пример маските за децата во училиште, ама да сè укинат сите рестрикции одеднаш, како што веќе направија дел од европските земји, сега не е опција.
Секој ден имаме новозаразени по 300 жители од државава, а тоа значи дека вирусот сѐ уште постои и ја чека најмалата можност да се развива, а потоа при почеток на развивање ни одзема недела до две да може да стопираме нешто. Уште од самиот почеток кога ја добив функцијата посакувам да дојде денот кога нема да има рестриктивни мерки…
Во меѓувреме, здравствените власти мака мачат да го подигнат нивото на вакцинација, што би значело поголема сигурност за олабавување и на мерките. Според Сали, засега ефектот од СМС пораките со закажани термини до граѓаните и караванот со кој се овозможи уште поголема достапност на вакцините е минимален.
Инаку, последните препораки на Комисијата за заразни болести гласат „маските да бидат право на избор и за средношколците, а да може да се организираат и училишни екскурзии“. Постапката за донесување на конечна одлука, за што надлежна е Владата, не е ниту започната. За потсетување, за да стапат на сила претходните препораки на Комисијата граѓаните и учениците чекаа по неколку недели бидејќи толку траеја владините формални процедури.