Едно евро со камата ќе треба да му платат СДСМ на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, откако судот пресуди во негова корист по тужбата за клевета и навреда.Треба да ги покријат и судските трошоци од 12 илјади денари, а пресудата на свој трошок да ја објават во најчитаниот дневен весник.
Судот пресудил дека, СДСМ, за да му наштетат на честа и угледот, на фејсбук, изнеле невистинити факти со тврдењето дека „антизападниот пион Мицкоски му е продолжена рака на Груевски „, и дека тоа претставува навреда.
Клевета, пак, за судот е тврдењето дека е „пион кој се збогатил благодарение на неговиот ментор„ и дека „во 2015 та Груевски му доделил преку неговата фирма „ЕНЕРГОТЕК ДОО„ 33 илјади квадратни метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали, како и дека фирмата е 99 проценти во сопственост на Мицкоски, а не 7 отсто, како што тврди самиот„.
Клевета, според судот, изрекол и претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски, со изјавата дека, во клучни историски моменти, Мицкоски бил против националните интереси. Тој не мора да плати никаква казна, освен да ја објави пресудата.
-И со вака исклучително заробено судство, со исклучително ниска доверба, вистината не може да се заобиколи, а лагите да бидат премолчени.Канонадата на клевети, лаги и измислици од СДСМ и другите нивни јавни, полутајни и тајни партнери, доаѓа време да се разобличи. Клеветите и невистинитите афери нема да им донесат кариера на инстант-залутаните во политика. Ова значи дека сме на вистинскиот пат сѐ до конечна победа! Колку тие пониско удираат, толку ние повисоко се креваме!“, порача Мицкоски на „Фејсбук“.
„