Вотфорд немоќен на „Енфилд“, Ливерпул го презеде врвот во Премиер

Фудбалерите на Ливерпул продолжуваат со позитивните резултати во Премиер лигата и на свој терен со сигурни 2-0 го совладаа составот на Вотфорд, во првиот натпревар од 30. коло во англиската елита.

Јирген Клоп речиси со најсилен состав истрча на терен, на клупата останаа само Мане и Арнолд, но нивните замени Џонс и Гомез одиграа солидна партија, особено дефанзивецот, кој ја запиша единствената асистенција на натпреварот.

Стартот на дуелот на „Енфилд Роуд“ не донесе некое поголемо возбудување, двете екипи играа претпазливо и мирно, а првото отворање донесе и отворање на резултатот. Гостите по одлична тимска акција преку Кучка испуштија голема шанса за водство (Алисон искусно одбрани), додека во истата минута Ливерпул казни и ги израдува своите фанови. Џо Гомез испрати прецизен центаршут во срцето на казнениот простор на Вотфорд, а таму најдобро се снајде Жота кој со глава го совлада Фостер.

До крајот на првиот дел португалскиот ас одново беше во центарот на вниманието, но овој пат не беше на висината на задачата, а на почетокот на второто полувреме „златна“ шанса не искористи Жоао Педро, кој на додавање на Сар од чиста позиција не го погоди голот на домаќинот. Во продолжение Ливерпул беше тој кој што ја контролираше играта и креираше шанси, а наградата за тоа пристигна во самиот финиш, кога Фабињо од пенал ги постави конечните 2-0.

Со оваа победа Ливерпул се искачи на врвото на табелата во Премеир лигата со два бода повеќе од Манчестер Сити, кој од 16:00 часот му гостува на Барнли.

Треба да знаете
Последни објави