Пред неколку дена љубителите на филмот беа шокирани од веста дека акционата икона Брус Вилис (67) се повлекува од актерството поради афазија, јазично нарушување кое влијае на говорот и разбирањето.
Оваа здравствена состојба најчесто е последица на тумор на мозокот, срцев удар или тешка повреда на главата, а пријателите и семејството на Брус сметаат дека ова последното е најверојатно причина за моменталната состојба на актерот, пишува „Дејли мејл“.
Во напис на „Гардијан“ од 2004 година се наведува дека Вилис бил погоден во чело со „проектил“ на снимањето на филмот „Солзите на сонцето“ (Tears of the Sun). Несреќата се случила по пиротехничка детонација што ја извршил тимот за специјални ефекти.
Во таа прилика, Вилис го тужеше студиото „Револушн“ (Revolution Studios) за нанесување екстремна ментална, психолошка и емоционална болка. Филмот е снимен во 2002 година, а семејството и пријателите на актерот сметаат дека оваа повреда е клучната причина за неговата сегашна состојба.
Афазијата е сериозно нарушување што на заболениот му оневозможува да комуницира нормално. Оваа комуникација не е попречена или отежната од механички нарушувања: пациентот сè уште може правилно да ги изговара гласовите, но не може точно да ги артикулира своите мисли, а во некои случаи не може да го разбере говорот на другите.