Славниот кошаркарски тренер Мајк Кшижевски, ја заврши својата пребогата кариера. Тој неверојатни 42 години седеше на клупата на Универзитетот Дјук, освои пет титули во универзитетската НЦАА лига, а како селектор на САД освои три златни олимписки медали.
„Тренерот К“ како што го викаат во САД, се прости со пораз. Дјук во полуфиналето на фајнал-форот во НЦАА лигата загуби од ривалот Северна Каролина со 77-81. Во мечот за титула, Северна Каролина ќе игра против Канзас.
Кшижевски како тренер на Дјук, имаше 100 меча против С. Каролина, и скорот му е 50-50. Во текот на кариерата имаше многу понуди од НБА, но ги одби сите, и си го има запечатено местото како еден од најголемите и најценетите тренери во историјата.