Поранешниот хрватски кошаркар и селектор Петар Сканси почина денеска на 78-годишна возраст. Сканси како играч настапуваше на позицијата центар.
Посебно остана запаметен како селектор на хрватската кошаркарска репрезентација која на Олимписките игри во Барселона во 1992 година го освои сребрениот медал.
Беше и југословенски репрезентативец кој го освои Светското првенство во Љубљана во 1970 година.
Со репрезентацијата на Југославија, тој исто така освои сребро на Олимписките игри во 1968 година, сребро на Светското првенство во Мексико во 1967 година и сребро на Европското првенство во 1965 година во СССР.
Како тренер ги водеше италијанските клубови Скаволини, Венеција, Рома, Бенетон и Болоња, грчкиот ПАОК, како и хрватските клубови Сплит и Крка.
Во 1991 година, ФИБА го избра меѓу 50-те најдобри кошаркари во светот. Од 2012 година беше хрватски помошник министер за наука, образование и спорт.