Македонскиот првак Вардар немаше сила за чудо во Унгарија, па одигра реми против Веспрем (31-31) и се збогуваше од Лигата на шампиони (ЛШ), откако во првиот меѓусебен натпревар во СЦ „Јане Сандански“ загуби со убедливи 22-30.
Веспрем се покажа како подобар противник на почетокот, па по само неколку минути игра водството изнесуваше 6-3, иако Вардар имаше блескави моменти и неколку пати намали на еден негатива (7-8).
Унгарскиот тим го засили темпото во завршницата од првото полувреме, а „црвено-црните“ често грешеа во нападот, па тоа им донесе предност на домаќините од 18-13 на паузата.
Вардар не успеваше никако да го скрши отпорот на Веспрем, кој долго време го одржуваше водството од пет голови (26-21), но во финишот од мечот македонскиот првак влезе во мини-серија од 3-0 и конечно стигна до прво израмнување (29-29).
Македонскиот шампион се обиде да стигне и до победа против големиот ривал, но сепак на крајот мораше да се задоволи со реми (31-31), со кое се збогуваше од ЛШ за оваа сезона.
Моралес беше најефикасен во тимот на Вардар со шест голови, додека Јахја постигна седум погодоци за Веспрем.