Британскaта музичка ѕвезда пејач Ед Ширан изјави дека неоснованите тврдења за авторски права ѝ нанесуваат штета на музичката индустрија, откако во средата го доби случајот пред Високиот суд во Лондон за тоа дали една фраза во неговиот мегахит Shape Of You од 2017 година била преземена од песна на друг изведувач.
Ширан беше во правна битка со Семи Чокри (кој настапува како Семи Свич) и музичкиот продуцент Рос О’Доногју, кои тврдеа дека Oh I…Oh I.. од Shape of You била копирано од нивната песна Oh Why од 2015 година.
„Иако очигледно сме задоволни со резултатот, чувствувам дека ваквите тврдења се премногу вообичаени. Се чини дека поединци поднесуваат тужби со идеја дека истата нема да стигне до судење, туку ќе се реши со спогодба од која ќе имаат материјална корист, дури и ако нивните тврдења се целосно неосновани“, вели Ширан во видеото што го објави на Твитер.
Shape Of You стана најпродаваната песна во дигитална форма во 2017 година, со повеќе од 5,6 милијарди прегледи на Јутјуб.
Судијата, Антони Закароли, заклучи дека нема докази дека Ширан размислувал да го напише хитот пред октомври 2016 година.
Судијата ги анализирал музичките елементи на песната и открил дека има убедливи докази дека фразата ‘OI (Oh I)’ потекнува од други извори. „Иако постојат сличности помеѓу OW (Oh Why) и фразата OI (Оh I), исто така има и значајни разлики,“ рече тој.
„Задоволен сум што господин Ширан потсвесно не ја копирал Oh Why во создавањето на Shape of You,“ заклучи судијата.