Вил Смит доби десетгодишна забрана за присуство на Оскарите откако го удри Крис Рок на неодамнешното доделување. Казната му ја изрече Академијата за филмска уметност и наука на денешниот онлајн состанок, на кој се дискутираше за постапката на Смит. Тој се извини за своето однесување и се повлече од членството во Академијата.
Смит се качи на сцената откако Рок кажа шега за избричената глава на неговата сопруга Џејда Пинкет-Смит, која се бори со алопеција поради што ѝ опаѓа косата, при што му удри шамар и потоа се врати на своето место во публиката. Набргу потоа, Смит го прими Оскарот за најдобра машка улога и се извини, но не и на Рок.
„Годинашната церемонија беше засенета од неприфатливото и штетно однесување на Смит на сцената“, соопшти Академијата.
„Ја прифаќам и почитувам одлуката на Академијата“, рече Вил Смит во изјавата откако дозна дека во следните 10 години е „забранет“ од Оскарите.
Академијата, исто така, се извини што не се справи веднаш со ситуацијата и му дозволи на Смит да остане во салата и да ја прими наградата за најдобар актер.
Досега имало малку случаи на повлекување од Академијата. Исто така, досега бил одземен само еден Оскар, на документарниот филм „Млади Американци“ во 1969, откако било утврдено дека не можел да конкурира за наградата таа година.