Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп смета дека неговиот тим го заслужил извојуваното 2:2 реми кај Манчестер сити во големото дерби на англискиот фудбал, иако тоа ги остава на второто место на табелата со поен заостанување, споредувајќи го мечот со боксерски меч.
„Ова беше како боксерски меч. Како епски боксерски меч. Ако ги спуштиш рацете за секуна, тогаш добиваш удар, и тоа се случуваше со двата тима. Мислам дека сме чекор понапред во однос на лани во поседот на топката, и мораме да поработиме на тоа. Тешко е против нив, бидејќи се бранат добро, но не е невозможно да им создадеш проблеми. Би сакал да направевме повеќе, но интензитетот на мечот беше луд“, вели Клоп.
Кевин де Брујне, стрелецот на првиот гол за Сити и убедливо најдобриот фудбалер на „граѓаните“ во неделата попладне, признава дека било многу тешко.
„Да бидам искрен, мислам дека игравме одлично. Требаше да дадеме повеќе голови, но тоа е тоа. Мечот беше фантастичен. Требаше да имаме повеќе голови пред полувремето, а потоа следуваше разочарувањето. Знам дека велеа кој ќе победи тука ќе биде шампион, но има уште многу мечеви кои треба да ги победиме“, изјави Белгиецот.
Англиското мега-дерби не разочара – Сити и Ливерпул со фантастично реми на „Етихад“