Интер беше на врвот на Серија А само два часа, бидејќи Милан исто така го играше својот натпревар во петок, а брзо одговори на триумфот кој го оствари градскиот ривал.
„Нераѕурите“ славеа во Специја со 1:3 и избија на чело на табелата, но Милан заборави на двата лоши резултати во претходните две кола и им се врати на победите на домашниот „Сан Сиро“.
Тимот на Пиоли вечерва покажа дека не планира да се откаже од шампионската битка и со триумфот останува прв до наредното коло со натпревар повеќе, а најзаслужни за тоа беа двајцата напаѓачи.
Милан не брилјираше против Џенова, но го направи она што беше потребно, односно брзо го скрши отпорот, по што беше полесно против ривал кој мораше да се отвори.
Рафаел Леао го искористи импресивниот центаршут од Калулу, а во 87-та минута, гол постигна Месиас кој значеше и потврда на победата и трите бода.