„Вечното дерби“ без голови, ремито како победа за Звезда против Партизан

Вечното белградско дерби помеѓу Црвена Звезда и Партизан заврши без победник и без голови на стартот на плејофот во српската Суперлига, по што актуелниот првак Ц. Звезда остана на два бода пред својот најлут ривал во битката за шампионската круна.

Партизан, кој четири години ѝ гледа во грб на Црвена Звезда денеска може да жали што не победи за повторно да го освои првото место на табелата, зашто младиот Никола Терзиќ во првиот дел промаши колосална шанса која можеби до крајот да ги чини црно-белите и шампионска круна.

Младиот Терзиќ на празен гол неочекувано мизерно шутна, па „три гола“ да имаше пред него ќе ги утнеше, иако мрежата беше празна после асистенцијата на Родриго. Таа шанса беше најголема за Партизан, кој имаше повеќе удари кон голот на ривалот, поголем посед, повеќе додавања, но сѐ беше залудно.

Ц. Звезда успеа да одолее на секој напад, Милан Борјан одбрани сѐ што шутнаа кон неговиот гол, а нападот на црвено-белите денеска беше стерилен и не влезе во ниту една шанса за евентуално да дојде до победа и да направи голем исчекор кон шампионската титула.

Српскиот првак Ц. Звезда по 31 коло има 82 бода, а Партизан е втор со 80, а до крајот на сезоната има уште шест кола. Во следното коло, црвено-белите гостуваат кај ТСЦ во Бачка Топола, додека Партизан го чека Чукарички, во вонредното коло во среда.

Извонредниот амбиент го заокружија навивачките групи на двата тима, доведувајќи го натпреварот во еден момент и до прекин кога навивачите на Партизан, популарните „Гробари“ ја запалија легендарната „Маракана“.

По пиротехничкото шоу на „Гробарите“ во 73. минута имаше само неколкуминутен прекин… И на спротивната страна со одлично шоу амбиентот го збогатија и „Делиите“.

Треба да знаете
Последни објави