Пирс Морган рече дека неговото контроверзно напуштање на емисијата „Добро утро, Британија“ на „Ај-ти-ви“ минатата година било фарса, но сепак, ваквиот потег ставил фокус на слободата на говорот.
Познатиот британски водител наскоро ќе започне ново ТВ-шоу, прво по расправијата околу неговите коментари за Меган Маркл, војвотката од Сасекс.
Новото шоу, Piers Morgan Uncensored, ќе се емитува на новиот канал TalkTV во Обединетото Кралство, а ќе се прикажува и во САД и во Австралија.
Морган ја критикуваше „Ај-ти-ви“ дека го цензурирала. Мрежата претходно изјави дека се залага за слободата на изразување.
Морган ја напушти утринската емисија во март минатата година, откако рече дека не ѝ верува ниту еден збор на Меган во фамозното интервју за Опра Винфри.