Мукаетов кажа дека го најавил своето повлекување, но сепак се премисли и ќе остане на кормилото, зашто верува дека даваат максимум за напредок на македонскиот ракомет.
„Најавив претходно мое повлекување од позицијата, зашто девет години не се малку. Ви благодарам за соработката и за сите денови кои ги поминавме заедно. Дававме максимум за тоа што рабтевме. Имаше разочарувања, а за мене неуспех е тоа што не се пласиравме на Олимпијадата и на Европското првенство во Загреб“, кажа Мукаетов.
Првиот човек на федерацијата на денешната седница на Управниот одбор кажа дека нема да се повлече од чело на РФМ.
„Мислам дека ова не е вистинско време за повлекување од функцијата, по сите настани кои се случија во претходните два месеци, но и обврските кои ни следат, а тоа се Европското првенство, кадетското Светско првенство и останатите предизвици“, вели Мукаетов.
Тој вели дека има многу мераклии за претседателската позиција, а исто така порача политиката да се држи надвор од спортот.
„Знам дека има мераклии за оваа позиција, но сметам дека политиката треба да се држи надвор од ракометот“, кажа првиот човек на РФМ.