Манчестер јунајтед не се прослави и во втората пресметка со Ливерпул од англиската фудбалска Премиер лигата. По поразот на „Олд Трафорд“ пред неколку месеци кога загуби со 5-0, синоќа на „Енфилд“ прими четири гола (4-0). Ваквиот епилог од двомечот во големото англиско дерби е поразително за составот од Манчестер.
-Ова е срамно, разочарувачко, можеби дури и понижувачки. Мора да прифатиме дека Ливерпул сега е шест години пред нас. Кога дојде Јирген Клоп, тие се сменија во клубот и го подигнаа не само тимот, туку и клубот и градот на ново ниво. Тоа е она што треба да се случи во нашиот клуб во следните преодни рокови. На тимот му е потребна реконструкција и тоа не затоа што на неколку играчи им истекуваат договорите, може да има шест, седум, осум или можеби десет нови играчи, ама пред да ги ангажираме мора да видиме каков фудбал ќе игра новиот тренер и потоа да се бара таквиот профил на фудбалери – вели тренерот Ралф Рангник кој по завршувањето на сезоната ќе се пресели во директорската фотелја кај „црвените ѓаволи“.