Песков: Забрана за руски тенисери на Вимблдон е неприфатливо

Официјална Москва ја осуди денеска одлуката годинешниот Грен – слем турнир во Вимблдон да мине без настап на руски тенисери, како дел од меѓународните санкции поради инвазијата врз Украина.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, рече дека е неприфатливо на руските тенисери да им биде забранет настап на Вимблдон.

– Уште еднаш руските спортисти се држат како заложници на политички предрасуди и политичките интриги. Ова е неприфатливо, изјави Песков.

Тој додаде дека таквата одлука ќе влијае и врз самото натпреварување, бидејќи Русија има неколку тенисери на врвот на светската ранг-листа во машка и женска конкуренција.

Изјавата на Песков доаѓа откако британските медиуми претходно денеска најавија, а организаторите попладнево официјално потврдија дека одлучиле да им забранат на руските и белоруските играчи да настапат на Вимблдон, кој е на програмата од 27 јуни до 10 јули.

Таквата одлука ќе има особено влијание врз вториот светски рекет Дмитриј Медведев и белоруската тенисерка Арина Сабаленка, кои лани беа полуфиналисти во Вимблдон.

Треба да знаете
Последни објави