Македонската сениорска женска ракометна репрезентација загуби вечерва во Скопје од Норвешка со 18-24 (12-14) во рамки на петтиот натпревар од ЕХФ Евро купот.
Иако допатуваа во Скопје во комбиниран состав без неколку стандардни ракометарки, актуелните европски и светски шампионки ја оправдаа фаворитската улога на дуелот во СЦ „Борис Трајковски” и заслужено триумфираа.
Македонските ракометарки пружија достоен отпор и беа во резултатски „егал” во 47 минута (16-16), но уследи пад во играта и период од десет минути без постигнат гол, што Норвежанките го казнија за на крајот да забележат убедлив триумф.
Реваншот во рамки на последното, шесто, коло е за три дена во Норвешка, по што македонската репрезентација ги продолжува подготовките за Европското првенство на домашен терен со настап на летните Медитерански игри.
Европското првенство во ноември годинава заеднички ќе го организираат Македонија, Словенија и Црна Гора.