Актуелниот фудбалски првак на Англија, Манчестер сити го совлада Брајтон со 3-0 и се врати на лидерската позиција во трката за одбрана на шампионската круна со Ливерпул. Тренерот на „граѓаните“, трофејниот шпански стратег Пеп Гвардиола на своите избраници им порача дека мора да бидат максимални во учинокот во последните шест рунди за да ја сочуваат титулата.
Предноста на Сити пред Ливерпул е само еден бод, но Гвардиола е убеден дека неговиот тим може да се носи со притисокот, особено ако се знае дека пред неколку години „граѓаните“ на сличен начин стигна до титулата.
-Не сме глупави, ако одиграме нерешено и загубиме само два бода, Ливерпул ќе биде шампион. Знаеме што е потребно да правиме за да останеме први. Пред нас се тешки натпревари и на сите мораме да играме како против Брајтон. Пред неколку години имавме таква серија, со 14 победи во низа дојдовме до титулата. Се зависи од заморот, од повредите… но ние ќе направиме се за да стигнеме до триумф на овие средби. Пред нас се три тешки гостувања со Лидс, Вест Хем и Вулверхемптон, се бориме со еден од најдобрите тимови во фудбалската историја. Не смееме да губиме бодови, мораме да играме со овој притисок и да победуваме, изјави Гвардиола.
Манчестер Сити викендов на домашен терен ќе го пречека Ватфорд, додека Ливерпул на „Енфилд“ го очекува градското дерби со Евертон.